Потрошувачите најмногу се жалат на мобилните телефони

од desk3
81 прегледи

Најголем број од поплаките на потрошувачите што стигнуваат до Организацијата на потрошувачи на Македонија се однесуваат на проблеми во остварување на правата од гаранцијата и од гарантниот лист на техничките производи.

mobilen

– Доминираат поплаките на потрошувачите за проблеми со мобилните телефони. Речиси во сите случаи мобилните телефони се сервисираат до трипати, во согласност со законското ограничување – се вели во последното известување на Организацијата на потрошувачи (ОП).

Во однос на другите производи, потрошувачите се жалат на проблем при сервисирање на одредени мали кујнски производи, како миксери и сл.

– Потрошувачите велат дека и покрај тоа што овие производи го имаат најкусиот законски утврден рок од шест месеци, тие често се расипуваат во првите два месеци, по што следат континуирани сервисирања кои речиси секогаш траат по 30 дена – објаснуваат од ОП.

Во однос на производите од домот, голем број поплаки од потрошувачите има за изработка на мебел и на покуќнина. Најчести проблеми со кои се соочуваат потрошувачите во овој домен се пречекорување на договореното време за изработка и за достава на мебелот, како и неквалитетна изработка на мебелот, скриени недостатоци кои не можат да се откријат на прв поглед и сл.

Во доменот на другите услуги (испорака на електрична енергија, испорака на топлинска енергија, вода, смет) најголем број на поплаките се за сметките.

– Голем број потрошувачи се жалеа на тоа дека добиле известување за некој заостанат долг, кој е стар десетина години и за кој тие не чуваат сметка како доказ дека го платиле или не можат да се сетат дали ја платиле таа сметка или не – велат од ОП.

 

МЕТА