Потрошувачката кошничка поскапа за 467 денари

Доколку во пресметката се вклучи и изнајмување стан со површина од 60 квадратни метри, вкупната вредност на кошницата изнесува 80.919 денари

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во октомври се зголемени за 467 денари во споредба со септември, покажуваат податоците што денеска ги објави Сојузот на синдикати на Македонија.

Според пресметките на ССМ, синдикалната минимална кошница за октомври изнесува 65.544 денари и во споредба со септември изнесуваше 65.077 денари е зголемена за 467 денари.

Најзначаен пораст е забележан кај трошоците за храна и пијалоци, кои во октомври изнесуваат 23.772 денари, што е зголемување од 378 денари во однос на септември.

Доколку во пресметката се вклучи и изнајмување стан со површина од 60 квадратни метри, вкупната вредност на кошницата изнесува 80.919 денари.

Пред неколку месеци беше објавено дека цигарите, алкохолот, станарините, одмор во странство и купување нов автомобил, не се планираат во пресметката на официјалната просечна потрошувачка кошничка, која ја креираат Министерствата за економија, земјоделство, финансии и Пазарниот инспекторат. Засега се уште нема новости кога ќе биде креирана.

И граѓаните се согласни дека просечната потрошувачка кошничка треба да се полни со основни прехранбени производи, а не со луксуз. Велат, платите треба да ги следат трошоците живот.

Согласно податоците од последниот попис на населението, едно просечно семејство брои три члена, па кошничката ќе се пресметува за тричлено домаќинство.