Потрошувачката кошничка за декември изнесува 56 илјади денари. 25 илјади работници живеат со минимална плата, велат од Сојузот на синдикати.
Според пресметката на професорите и поранешни министри за финансии кои ја изработија новата синдикална минимална кошница, Никола Поповски и Драган Тевдовски, за основните потреби на семејство од двајца родители и две деца кои се ученици потребни се 56.522 денари.
На денешната презентација во ССМ беше посочено дека потешко им е на семејствата кои плаќаат кирија, бидејќи нивната синдикална кошница е поскапа 21.324 денари поради трошоците за станарина, вода, струја и греење.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го истакна значењето на синдикалната минимална кошничка, за која рече, дека нејзиното воведување во 2011 година било основ за донесување на нов закон за минимална плата. Синдикалната минимална кошничка, вели Трендафилов, пред неколку години беше главен аргумент за зголемување на минималната плата за 2806 денари, подоцна за 2175 денари, како и според направените пресметки за 2.500 денари во март наредната година.