Поцков бара поголем дел од ДДВ и процент од данокот на казината за општината

од Vlatko K
133 прегледи

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков смета дека е потребно зголемување на процентот на ДДВ од сегашните 4,5 на 8 до 10 проценти кој се враќа на општините за да имаат сигурност во основниот буџет, а развојната компонента или различнста на секоја општина треба да почива на компаративните предности. Смета дека компаративна предност на Гевгелија е да добие дел од, како што рече,„казино бизнисите“.

– Ние сега немаме никакво зафаќање во локалниот буџет од „казино бизнисите“, а 20 проценти од прометот во казината е на име и презиме на некаков данок кој се слева во централниот буџет. Ние бараме само три проценти од тие 20 отсто.Не нови давачки, туку распределба на тие 20 отсто сега е 17 отсто на државата и три отсто на Министерството за здравство.Сакаме 14 отсто на државата, три на општините и три отсто на зравството. Со тоа општина Гевгелија би добила 1,5 милиони евра во основниот буџет, а ние сега имаме буџет од 3,5 милиони евра, рече градоначалникот на Гевгелија.

Поцков ова го побара на денешното потпишување на договорите за соработка со Министерството за локална самоуправа што се одржа во Струмица, во рамки на седницата на Советот на градоначалници на Југоисточниот плански регион.