Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина донесе второстепена одлука во случајот на Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), и ја потврди првостепената пресуда и го осуди на една година затвор и шест години забрана за извршување на функцијата претседател на РС.
Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, рече дека ќе поднесе апелација во Уставниот суд на БиХ и ќе бара пролонгирање на пресудата. Ако биде одбиено апелациското барање, ќе се жали на Европскиот суд за човекови права.
Додик нема да ја напушти функцијата додека не добие одлука од Народното собрание на РС.
„Јас ќе продолжам да ги извршувам своите работи се додека не добијам одлука од НСРС и јасен план за тоа како ќе се движиме и до каде ќе одиме. Мислам дека РС треба да возврати“, е пораката од Додик.
Додик беше осуден за потпишување на Указите за законите донесени од Народното собрание на РС во 2023 година, според кои одлуките на Високиот претставник во БиХ нема да бидат објавени во Службен весник на РС, ниту ќе бидат спроведени во тој ентитет.
Набргу по усвојувањето во НСРС, Високиот претставник го поништи законот и го криминализираше непочитувањето на неговите одлуки, но Милорад Додик се оглуши на тоа и потпиша указ со кој се прогласува законот.
Со оглед на тоа дека Додик се оглуши на Кривичниот законик на Бих, кој беше изменет од Шмит, Обвинителството поднесе обвинение против Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ.
Лукиќ со првостепената пресуда беше ослободен, а Додик беше осуден, што сега е потврдено во второстепената постапка.
Во првостепената пресуда се наведува мерка за безбедност забрана за извршување на функцијата Претседател на РС шест години, меѓутоа на сила стапуваат и правните последици од забраната за извршување на должноста и престанок на службената должноста, според Член 203. на Кривичниот законик на БиХ, за чие кршење беше осуден.
По веста за пресудата, се огласи портпаролот на ЕУ.
„ЕУ ја регистрираше кривичната пресуда по жалба на Милорад Додик од страна на Судот на Босна и Херцеговина. Пресудата е обврзувачка и мора да се почитува. ЕУ ги повикува сите страни да ја признаат независноста и непристрасноста на судот и да ја почитуваат и да ја поддржат неговата пресуда“, порача Брисел.