Повардарие и Гарланд Агрофуд избришани од регистарот на производители на вино

од desk3
76 прегледи

Винарските визби Повардарие и Гарланд Агрофуд кои се уште им немаат платено на лозарите за гројзето од ланската реколта, се избришани од регистарот на производители на вино, а за повторно добивање лиценца, освен што ќе треба да ги подмират обврските кон лозарите, обврзани се да платат и казна од 10 отсто од сумата која ја должат кон производителите на грозје.

grozje1

Ова го соопшти денеска директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трипуновски на работната средба кај министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков со лозарите.

На состанокот во МЗШВ присуствуваа и градоначалниците на Кавадарци и на Неготино, Александар Панов и Ванчо Апостолов.

Како што информира Министерството, лозарите, генерално, искажаа задоволство од минатогодишната сезона и од тоа што винариите во законски предвидениот рок им исплатија 93 отсто од предаденото грозје, со исклучок на Повардарие и Гарланд Агрофуд. Воедно дадоа и неколку предлози за измени во Законот за вино.

Директорот на Инспекторатот информираше дека се преземаат сите законски мерки за отстранување на евентуалните проблеми при претстојниот откуп.

Министерот Цветков во понеделникот, 18 јули, имаше состанок и со претставници на винарските визби, кои исто така дадоа неколку предлози за претстојната сезона.

За следната недела се планира нов состанок на кој ќе бидат присутни двете страни, и лозарите и винарите. Ќе се направи обид да се постигне договор околу откупот и цената на грозјето од реколта 2016