Повеќе од 150 луѓе се водат како исчезнати во пожарите кои дивеат низ Калифорнија, сојузна држава во САД позната по лозјата, соопшти полицијата.
Најмалку 15 луѓе загинаа, а повеќе од 1.500 домови се уништени. Во округот Напа починаа двајца брачни партнери – на возраст од 100 години Чарлс Рипи и неговата 98 – годишна сопруга Сара.
Шефот на противпожарната бригада Кен Пимлот рече дека повеќе од 17 пожари изгореа 26.000 хектари површина. Службениците се обидуваат да ги пронајдат исчезнатите, но се стравува дека и тие се починати.
„Пожарите брзо се шират, а стотици хектари се под оган и немаме шанси да се пробиеме на некои места“, вели Пимлот.
Најмалку четири винарии претрпеа тотална штета, додека девет се оштетени. Повеќе од 91.000 домови и деловни објекти се без струја.
Гувернерот на Калифорнија прогласи вонредна состојба во седмиот округ, а претседателот на САД Доналд Трамп го одобри прогласувањето на природна катастрофа за да може да се искористат федералните средства.