Повеќе систем, помалку бирократија – најавени реформи за модерна и ефикасна администрација

од Vladimir Zorba
257 прегледи

Создавање на ефикасна и професионална јавна администрација, базирана на интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники, со цел постигнување на побрза услуга, подобар квалитет и еднаквост во пристапот за сите граѓани и деловни субјекти, најавува Владата во својата програма за работа во периодот 2020-2024 година.

За остварување на ова Владата се обврзува дека ќе отвори Центар за услуги во секој град по примерот на Скопје, дека до 2024 година во сите органи на државната управа ќе воведе Електронски систем за автоматизација на административни постапки, како и дека во соработка со Мастеркард ќе овозможи брзо потпишување и одобрување на барања во комуникацијата со помош исклучиво на еден мобилен телефон.

Како главна реформа за современа и европска јавна администрација, од се издвојува дигитализацијата и иновациите.

– Ефективна е-Влада обезбедува широк спектар на придобивки, вклучувајќи поголема ефикасност и заштеди во буџетот, зголемена транспарентност и поголемо учество на граѓаните и деловната заедница во креирањето на политиките, се вели во владината програма за следните четири години.

За остварување на сето ова, Владата се обврзува дека:

· во првата година од новиот мандат ќе воспостави централна институција која ќе биде одговорна за координација и спроведување на процесот на дигитализацијата во општеството, но и целосна ИТ поддршка за институциите на државната управа;

· во крајот на 2020 година ќе подготви Студија за изводливост за изградба на национална транспортна оптичка мрежа;

· за две години, целокупната комуникација помеѓу институциите и во рамки на секоја институција ќе се води електронски;

· до крајот на 2023 година ќе обезбеди целосна покриеност на најмалку еден град со 5G сигнал, а до крајот на мандатот, покриеност од 70 процени на главните коридори и патната мрежа во државата;

· по примерот на Естонија, премиерот ќе формира мали групи (академска заедница, бизнис-сектор, администрација) т.н System Innovation units за нудење нови, иновативни решенија за системски проблеми во државата кои се провлекуваат со години.

Освен дигитализацијата фокусот ќе биде и на промена на пристапот и поимањето на администрацијата за нивната важност, улога и одговорност во државата.

– Реформите имаат потреба од вистински лидери. Ќе утврдиме современи критериуми за поставување, избор или именување на високи функционери со цел воспоставување на изедначени услови за избрани и именувани лица. Веруваме дека професионализацијата и деполитизацијата на јавната администрацијата мора да почне од врвот и затоа создаваме висока раководна служба, се вели во владината програма за периодот 2020-2024.

За остварување на ова се најавува целосна реорганизација на јавната управа, која ќе започне веќе во 2020, со крајна цел оптимизирање и намалување на бројот на институциите, на трошоците за работа, како и подобрување на управувањето и конечно зголемување на ефикасноста во работењето и испорачувањето на услуги кон граѓаните и деловната заедница.

– Ќе биде јасно дефинирано што спаѓа во надлежности на министер, државен секретар, раководители на сектор и одделение; ќе се воспостави нов систем за раководителите од среден ранг, заснован на темелни анализи и најдобрите европски практики, кој ќе обезбеди поголема мобилност и посилна мотивација за постигнување на подобри резултати; сите вработени во институцијата ќе можат да добијат додатоци од 5 проценти на плата доколку ги постигнат целите кои на почеток на година Владата ќе ги утврди како нивна задача. Овој принцип ќе започне со примена на исплати од 2022 (за целите дефинирани за 2021); ќе се воведе систем кој ги оценува институциите наспроти формално пополнување табели и спроведување на стратешките планови и оценка на тимовите односно одделенијата наспроти спроведувањето на акциските планови; уште во првата година од новиот мандат, ќе донесе целосно нов закон за платите на сите вработени во јавниот сектор, што ќе се воведува етапно, во период од најмалку две години, се целите на кои се обврзува Владата во програмата за работа.

Во согласност со Охридскиот Рамковен Договор, ќе се обезбеди ефикасно и квалитетно спроведување на процесот на унапредување на правичната и адекватна застапеност во јавната администрација.

– Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор во државните институции, додека институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработените во јавната администрација и јавниот сектор. Етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата, најавува Владата.

За промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата, се разгледуваат неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20%, и тоа преку спојување на функции и надлежности на институциите, пензионирање на 64 години, пакети за трансфер во приватен сектор или предвремено пензионирање и сл.

Вниманието ќе се насочи кон вработување на квалитетни кадри и нивно задржување во државната служба, развој на нивната кариера и обука, наградување и плати, мотивација. Со модерна и ефикасна администрација граѓаните и деловните компании добиваат брзо и ефикасно задоволување на нивните потреби и барања, без непотребни процедури, документи и даватели, додека јавната администрација ќе има добра организација, професионални, мотивирани и соодветно платени службеници, стои во владината програма за периодот 2020-2024, во делот на јавната администрација.

Слични содржини