Од организацијата наведуваат дека во Кладово на нивните набљудувачи им бил оневозможен влез на одредени избирачки места, додека на некои локации биле присутни „трети лица“ кои се претставувале како набљудувачи, без да наведат за која мисија работат. Регистрирани се и случаи на организирано носење гласачи на гласање.
Во Мајданпек, како што објави „Црта“, на повеќе избирачки места било сериозно нарушено тајното гласање, при што во одредени случаи „и по пет лица гласале зад ист параван“. Истовремено, биле забележани и организирани водење гласачи. Слични неправилности, вклучително и водење паралелни евиденции и организиран превоз на гласачи, биле евидентирани и во Књажевац, каде бил забележан и зголемен број возила со регистарски таблички од други градови, како и автомобили без таблички.
Во Севојно, набљудувачите сведочеле за нарушување на тајноста на гласањето, како и за сомнително возило кое, според нив, организирано превезувало гласачи. Во Аранѓеловац било забележано присуство на организирани групи и засилено полициско обезбедување во близина на избирачките места, а регистриран бил и случај на заплашување на граѓани од страна на непознати лица кои се залетувале со возила кон нив.
Организацијата информира и за обид за таканаречен „бугарски воз“ на едно избирачко место, при што нивни набљудувачи разговарале со две жени кои изјавиле дека биле доведени организирано на гласање. На повеќе места била нарушена тајноста на гласањето преку фотографирање на гласачки ливчиња надвор од параваните, како и поради неправилно поставени паравани свртени кон избирачките одбори. Забележани се и пропусти во работата на одборите, како неправилна употреба на УВ ламба и гласно читање на имиња на гласачи.
Според „Црта“, во непосредна близина на избирачко место број 1 бил идентификуван логистички центар на Српската напредна странка, пред кој имало гужва и засилено полициско присуство.
Во Лучани, две избирачки места се издвојувале по зачестеноста на неправилности, меѓу кои фотографирање ливчиња, водење паралелни списоци и мешање на набљудувачи во работата на избирачките одбори. Забележани биле и неколку расправии, а околу стадионот на ФК Лучани, во чија близина се наоѓаат избирачките места, биле регистрирани поголеми сомнителни собири.
Во Бор биле евидентирани повеќе физички инциденти, вклучително и напад врз студентски мобилен тим и набљудувач на „Црта“, додека на голем број избирачки места била сериозно загрозена тајноста на гласањето и честа појава било фотографирањето на ливчињата.
Во Бајина Башта, според организацијата, ситуацијата била особено тензична, со неколку сериозни инциденти – претепани биле двајца студенти, оштетени биле повеќе возила, а на дел од нив им биле избушени гумите.