Во болницата во Северна Митровица примени се повеќе од 50 граѓани од српска националност со повреди здобиени по судирот со припадниците на КФОР во текот на протестите против новоизбраните градоначалници Албанци во општините со мнозинско српско население во северно Косово. Според информациите од медиумите, во судирот на демонстрантите со припадниците на КФОР во Звечане има повредени од двете страни, а неколку лица се здобиле со повреди опасни по живот.
Директорот на болницата во Северна Митровица, Златан Елек, изјави за медиумите на српски јазик дека таму се примени 53 граѓани со повреди од шок-бомби и солзавец. Тројца од повредените се задржани во болница, а еден од нив, според Елек, е во животна опасност.
Исто така, неколку припадници на КФОР се повредени, а министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, соопшти дека 11 војници од нивната земја биле повредени, од кои тројца се во тешка состојба, но не се во животна опасност.
Амбасадорите на западните земји, кои се акредитирани во Приштина, побараа смирување на тензиите и изразија поддршка на силите на КФОР.