ПОВЕЌЕ ОД 70 ЛАЖНИ ЗАКАНИ ЗА БОМБИ ВО ФРАНЦИЈА: Повеќето испратени од истата е-пошта од Швајцарија

од Vladimir Zorba
3,6K прегледи

За пет дена во ФРАНЦИЈА имало повеќе од 70 лажни закани за бомби, од кои повеќето биле насочени кон аеродроми, а речиси сите биле испратени од иста електронска пошта од Швајцарија, изјави денеска францускиот министер за транспорт Клеман Бон.

Тој рече дека од средата речиси секогаш се користи истата електронска адреса, која се наоѓа надвор од ЕУ, во Швајцарија, оценувајќи дека тоа најверојатно се должи на избегнување на одредени санкции на Унијата.

Бон истакна дека досега се покренати повеќе од 60 истраги во врска со лажни извештаи за бомби.

– Големи идиоти, дури и големи деликвенти, рече Бон, мислејќи на авторите на повеќекратните лажни закани со бомби, пренесе „Фигаро“.

Бон истакна дека, за среќа, имало многу помалку лажни тревоги во саботата, првиот ден од одморот за многу Французи.

Министерот рече дека некои од тие луѓе кои испраќаат лажни закани прават лоши шеги, додека други навистина сакаат да ги исплашат луѓето и дека понекогаш постои еден вид конкуренција во, како што рече, „глупоста меѓу хакерите“.

– Сите имаат одговорност, вклучително и платформите и социјалните мрежи, да не поддржуваат ваков тип на напади и што поскоро да соработуваат со француската цивилна авијација и нашето правосудство, рече Бон.

Според него, правењето лажна тревога е крајно опасно бидејќи се мобилизираат безбедносните сили неколку часа, како и принудување на луѓето да се евакуираат, што, во некои случаи, доведува до собирање на луѓе надвор, што е исто така безбедносен проблем.

Покрај аеродромот, на мета на лажни дојави за бомби се и одредени јавни институции.

Версајската палата денеска беше привремено евакуирана по седми пат во последните осум дена.

Осомничен бил уапсен во петокот во врска со телефонско предупредување поврзано со палатата во Версај, додека други биле објавени на владина веб-страница, според полициски извори.

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво откако наставникот Доминик Бернар во средното училиште во Арас беше убиен од напаѓач во напад со нож на 13 октомври и тешко рани уште тројца.

Слични содржини