Повеќе од милион Украинци на западот од земјата денеска се без струја, по големиот руски воздушен напад врз цивилната енергетска инфраструктура, во услови на ескалација на руските закани за Украина и Западот.
Шефот на една од компаниите за снабдување со електрична енергија „Јасно“ Сергиј Коваленко на Фејсбук напиша дека „се воведени прекини на струја низ целата земја поради непријателски напад“.
Според него, енергетската компанија „Укренерго“ предвидува прекини на струја до вечерва.
Украинските власти рано утринава објавија дека имало голем напад врз енергетската инфраструктура во земјата, поради што биле принудени да воведат итни прекини на струјата.
Гувернерот на Лавовската област објави нешто пред 10 часот по локално време дека 523.000 корисници се без струја поради ударите утринава.
Регионалните власти на Ривина известија дека 280.000 луѓе немаат вода.
„Сите надлежни служби работат на отстранување на последиците од нападот“, рече гувернерот Олександер Ковал преку Телеграм.
Во соседниот регион Волин, според гувернерот, 215.000 жители се во мрак.
Западниот регион Ивано-Франковск исто така доживува прекини на електрична енергија, како и регионот Хмелницки во централна Украина, но тие не дадоа информации за тоа колку луѓе се погодени.
На југот на земјата, градоначалникот на Миколаив, Олександр Сенкиевич, најави дека тролејбусите и трамваите не работат поради прекини на струја, а училиштата денеска ќе бидат затворени.