Повеќе од четвртина од светското население нема пристап до вода за пиење: Кои се главните причини?

од Stefanija Kuzmanovska
170 прегледи

Малку повеќе од четвртина од светското население нема пристап до чиста вода за пиење, а дури 46 отсто од населението немаат пристап до основните санитарни потреби, се наведува во извештајот на Обединетите нации.

Во годишниот извештај на Обединетите нации за вода се наведени и чекорите што мора да се преземат за да се исполни целта целото население да има пристап до вода за пиење и основни санитарни потреби до 2030 година.

Уредникот на извештајот Ричард Конор вели дека за да се постигне таа цел ќе бидат потребни помеѓу 600 милијарди и еден трилион долари годишно.

Тој нагласи дека е подеднакво важно да се создадат партнерства со инвеститорите, финансиерите и заедниците кои се борат против климатските промени, за да се осигура дека вложените пари придонесуваат за снабдување со вода за две милијарди луѓе кои немаат пристап, како и санитарни услови за 3,6 милијарди луѓе на кои им треба.

Конор изјави дека, имајќи предвид дека 70 проценти од водата се троши за наводнување, таа мора да биде поефикасна и дека повеќе земји треба да го користат системот за наводнување „капка по капка“, за да се овозможи поголема употреба на вода во градовите.

Извештајот забележува дека сезонскиот недостиг на вода ќе се зголеми дури и во областите со многу вода, како што се Централна Африка, Источна Азија и делови од Јужна Америка, и дополнително ќе се влоши во областите со недостиг на вода, како што се Блискиот Исток и субсахарска Африка.

Наведено е и дека во просек 10 отсто од светското население живее во земји со висок или критичен недостиг на вода, а 3,5 милијарди луѓе живеат во екстремни услови кога станува збор за вода најмалку еден месец во годината.

Според извештајот на Обединетите нации, потрошувачката на вода се зголемува за еден процент годишно во текот на изминатите 40 години, а се очекува да расте со иста стапка до 2050 година.

Главните причини за тоа се растот на населението, социо-економскиот развој, како и промените во навиките на потрошувачите.

Слични содржини