Повик до партиите за потпишување декларација за приоритетно донесување на законот за заштита од дискриминација

од Берта Китинска
288 прегледи

Здруженијата на граѓани ги повикуваат политичките партии кои учествуваат во парламентарните избори да ја поддржат декларацијата за приоритетно донесување на законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав.

Иницијатори на декларацијата се девет мрежи на здруженија на граѓани (Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ), Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија (МППС), Мрежа 23, Неформална мрежа на ромски организации, Блупринт група за реформи во правосудството, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ) кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија.

Целта на декларацијата е политичките партии да се обврзат дека овој закон ќе го донесат веднаш по формирањето на Собранието, без дополнителни одолговлекувања и дека потоа, во согласност со законскиот рок, ќе го изберат новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Овој закон го штити уставно гарантираното право на еднаквост на граѓаните, предвидува постапка за заштита од дискриминација, активно преземање мерки за спречување дискриминација и промоција на еднаквоста на сите граѓани, а особено на најмаргинализираните групи. Битката за донесувањето на квалитетен закон за спречување и заштита од дискриминација почна пред 10 години, за денес повторно да немаме законска рамка ниту ефикасни и функционални механизми за заштита од дискриминација.

„Ги повикуваме сите политички партии, без разлика на идеолошката позадина, да ја поддржат оваа декларација и да се обврзат дека ќе се застапуваат за итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Само преку донесување на овој закон и понатаму со негово спроведување, партиите конечно ќе покажат дека се грижат за човековите права и благосостојбата на сите граѓани.

Партиите кои сакаат да ја поддржат декларацијата можат да нè контактираат на контактите подолу најдоцна до 8 јули“, соопштија здруженијата.

Слични содржини