Повик за „многудетни семејства“ реално решение или националистичка пропаганда: „Потребен е широк општествен консензус за демографските политики“

Намалувањето и стареењето на населението не се само „десничарски“ проблем, бидејќи тие ги загрозуваат и растот на БДП, пазарот на трудот, но и одржливоста на пензиските и здравствените системи, вели Фидановски за Локално

од Бисера Трајковска
27 прегледи

Формирање на многудетно семејство е тема која се уште е во фокусот на јавноста, откако неодамна премиерот Христијан Мицкоски изјави дека токму ова е највисокиот патриотски чин на еден народ за сопствената татковина. Се поставува прашањето колку е рално стравувањето дека за 20 години можеме да бидеме држава со под еден милион жители, во времето кога економската состојба и стеснетите семејни буџети го прават раѓањето деца луксуз?

Доктор по социјални политики и демографија од Оксфорд, Кристијан Фидановски за „Локално“ вели дека кај нас наталитетот е низок поради високото иселување и поради фактот дека, за разлика од западна Европа, нашите држави стареат пред да станат богати. 

-Наталитетот е низок во цела Европа, но кај нас и во регионот депопулацијата е уште поголем проблем поради високото иселување и поради фактот дека, за разлика од западна Европа, нашите држави стареат пред да станат богати, посочи Фидановски.

Оттука, посочува тој, демографските политики треба да бидат водечки приоритет за сите политички чинители без оглед на идеолошката ориентација. 

-Намалувањето и стареењето на населението не се само „десничарски“ проблем, бидејќи тие ги загрозуваат и растот на БДП, пазарот на трудот, но и одржливоста на пензиските и здравствените системи, додава Фидановски.

Тој е на ставот дека владејачката партија би требало да се стреми кон широк општествен консензус за демографски политики, а не да ги врамува истите во национал-конзервативен дискурс. 

Од друга страна, посочува Фидановски, социјалдемократските и прогресивните партии (не само кај нас) би требало да ги поздрават демографските политики, а не да им ги препуштаат на десничарите.

-Подобри семејни политики, како повисоки детски додатоци, подолго, подоброплатено и родово еднакво породилно отсуство, но и подостапни градинки го зголемуваат наталитетот, но нивниот ефект е доста мал и скап. Сепак, ваквите политики се секогаш добра идеја, бидејќи тие истовремено ја намалуваат детската сиромаштија и подобруваат родовата еднаквост, вели Фидановски.

Според Фидановски, оптималната пронаталитетска ориентација би ги обединила социјалните и демографските цели, како во дискурсот така и во дизајнот на политиките. 

-На ниво на Европа, секој втор граѓанин би сакал да има едно дете повеќе отколку што има. Политичарите треба да им излезат во пресрет: за добробитта на самите граѓани, но и на целокупните економии и општества во контекст на длабоки демографски промени.

Кристијан Фидановски, Фото: Фејсбук

Од Коалицијата „Маргини“ пак, се на ставот дека изјавата на премиерот Мицкоски со повик за „многудетни семејства“ е класичен пример на патријархална и националистичка пропаганда.

-Изјавата на премиерот Мицкоски со повик за „многудетни семејства“ е класичен пример на патријархална и националистичка пропаганда која ја префрла вината за демографските трендови врз жените, наместо да се адресираат реалните причини – системска сиромаштија, економска несигурност, недоверба во институциите и масовното иселување, изјавија од Коалицијата „Маргини“ за „Локално“.

Како што посочуваат, овој дискурс не е нов, туку продолжение на биополитички политики, што ги инструментализираат женските тела и приватниот живот како „државен ресурс“.

-Она што е особено проблематично е што оваа реторика ја маргинализира секоја форма на семејство што не е „традиционално“ – самохраните родители, ЛГБТИ+ семејствата, семејствата со различна етничка или верска припадност – и со тоа дополнително ги исклучува граѓаните кои и онака живеат во услови на несигурност и дискриминација, потенцираат од Коалицијата „Маргини“.

Тие велат дека се потребни системски и долгорочни решенија – универзален и бесплатен пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, родово правични семејни и работни политики, квалитетни јавни услуги, еднакво родителско отсуство за мајки и татковци, сигурни работни места и вистинска поддршка за младите и семејствата.

-Македонија нема да ја „спасат“ повеќе деца родени во сиромаштија и несигурност, туку политики што ќе им обезбедат достоинствен живот на сите граѓани и граѓанки, со почит кон изборите, телата и правата, потенцираат од Коалицијата „Маргини“.

Од Коалицијата се на ставот дека да се зборува за наталитет без да се зборува за сиромаштијата, здравствениот систем, образованието, миграцијата и правата на жените и младите – значи да се манипулира со јавноста.

Б.Т.