Мандатарот на новата влада, Христијан Мицкоски го повлекол материјалот за Предлог-законот со кој требаше да се реформира државната управа, односно да дојде до реорганизација и зголемување на бројот на министерства.
Засега не се знае која е причината за ваквиот потег, освен што стои на веб-страницата на Собранието дека е повлечен Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка.
Предвидено беше кабинетот на Мицкоски да брои 24 члена, односно премиерот плус 23-ца министри.
Колку за споредба, актуелната влада брои 20 члена. Дел од министерства ќе се реорганизираат, ќе се формираат и нови. Министерство за економија ќе стане Министерство за економија и труд. Сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Нови ќе бидат Министерството за спорт, како и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Туризмот ќе оди под капата на Министерството за култура. Новина е и Министерството за дигитализација, а ќе има и ново Министерство за администрација.
Интересно е што Левица соопшти дека го прифаќа ваквиот предлог, под услов ВМРО-ДПМНЕ да прифати една Изборна единица.
За усвојување на новиот закон потребни се 2/3 мнозинство од пратениците.
Партијата на Мицкоски на парламентарните избори на 8-ми мај освои 58 мандати, коалицијата ВЛЕН 14, а ЗНАМ 6 мандати. Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека новата Влада ќе биде формирана согласно со уставните рокови.