„На денешниот состанок на Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје беше донесена одлука од присутните членови да се исфрли името на Али паша Јанински од предлог-листата за имиња на улиците во Скопје“, соопштија попладнево од град Скопје.
Според нив, одлуката на оваа комисија доаѓа по реакцијата на една од заедниците во Република Северна Македонија во врска со името на Али паша Јанински, а со цел никој во градот да не се чувствува засегнат или навреден од именувањето на улица или инфраструктурен објект.
Ваквата одлука доаѓа по реакцијата на влашката заедница и Демократски сојуз на Власите во земјава, дека тоа е навредливо за нив бидејќи Али паша Јанински е личност која извршила геноцид врз Власите.
Али Паша (1741-1822) е феудалец од албанско потекло, паша на Јанина, кој се одметнал од централната отоманска власт и бил независен владетел на Албанија, Епир и Мореја, а потоа ја проширил својата власт и во Македонија, Тесалија и Грција. Поради суровоста во управувањето, влегол во народната традиција како беспримерен зулумќар. Али Паша е одговорен за уништување на Москополе и Грамос, двата наголеми влашки центри со развиена култура, академија, високи школи и трговија, што и било причина за масовното иселување на Власите низ цела Европа.