Жената која го тужеше американскиот пејач Боб Дилан тврдејќи дека сексуално ја нападнал пред речиси 60 години, ја повлече тужбата, изјави денеска адвокатот на познатиот музичар.
„Случајот е завршен… Среќни сме што тужителот се откажа од симулацијата на правда“, рече адвокатот на Дилан, Орин Снајдер, сметајќи дека е скандалозно што воопшто постои таков случај.
Пред овонеделното сослушување во њујоршкиот суд, адвокатот на Дилан рече дека има мејлови кои ја покажуваат „неконзистентноста“ на тужбата и додаде дека жената отстранила докази кои би ја дискредитирале.
Жената чиј идентитет јавно е претставен со иницијалите Ј.Ц. поднела тужба во август минатата година, тврдејќи дека Дилан сексуално ја злоставувал во период од шест недели помеѓу април и мај 1965 година. Таа тогаш имала 12 години.