Дарко Златев, еден од повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, упати силен јавен апел до институциите и целата јавност. Тој ги повика властите на итна и транспарентна истрага, барајќи одговорност од сите кои се виновни за катастрофата во која животот го загубија 62 млади луѓе, меѓу кои и неговата внука од сестра, а повеќе од 200 беа повредени.
Дарко со голема тага зборува за болката што ја носи и за недостигот на помош од државата. Тој посочува дека, и покрај тешките повреди, никој од надлежните не ги посетил ниту повредените, ниту нивните семејства во болниците или дома. Според него, целата грижа е оставена на хуманите луѓе и донациите, додека државата не обезбедила ниту основни медицински средства, па дури и опрема како маси за физикална терапија е донација.
„Во болниците во странство каде што нè префрлија, добивме и посета и поддршка од највисоките државни претставници, додека кај нас нема ни збор за поддршка, ни за грижа, ни за правда“, вели Златев.
Тој упати сериозни прашања до институциите: колку уште ќе се занемаруваат жртвите, колку ќе се молчи за вистината и до кога човечкиот живот ќе биде маргинализиран?
Дарко Златев повикува на:
-
Јавна и темелна истрага за причините што доведоа до пожарот;
-
Сериозна поддршка за семејствата на загинатите и за повредените;
-
Одговорност од сите кои не ги исполниле своите должности;
-
Достоинство и вистинска грижа за преживеаните.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ е болка што ги погоди сите, а како што посочува Златев, нејзиното игнорирање и недостигот на правична реакција се срам за целата држава.