Македонија може да биде една од земјите во која ќе се лекуваат повредените украински војници од војната со Русија. Ваков предлог бил на маса на Самитот во Тирана, кон крајот на февруари, при разговорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски со македонскиот колега Стево Пендаровски. Исто така се разговарало и за рехабилитацијата на деца од Украина. Идејата била претставена и пред црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ, а од Балканот ваква помош Украина веќе доби во Хрватска.
-Ја истакнав важноста од учеството на Северна Македонија во спроведувањето на Формулата за мир и подготовката за првиот Глобален самит за мир во Швајцарија. Посебно внимание посветивме на можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави, стоеше во објавата на Зеленски при средбата со Пендаровски во Тирана.
Дали Македонија има капацитети?
Професорот по безбедност, Методи Хаџи Јанев вели дека не ги знае деталните капацитети на здравствениот систем за една ваква работа, но смета дека кај нас одамна военото здравство е девастирано. Според него, предност има цивилното здравство.
Дали можеби со ваквото барање и евентуално исполнување, стануваме цел на Русија, според Хаџи Јанев не претставува проблем.
-Не гледам како и зошто. Прво ако Русија тврди дека има „добра намера“ со војната во Украина да се брани и дека ги почитува правилата или се бори за почитување на меѓународнот право, тогаш овие лица не смеат да бидат цел според меѓунардното воено право, вели соговорникот во краток разговор за „Локално“.
Оттука не гледа некоја загриженост за тоа. Додава дека тоа не ѝ оди во прилог на Русија, посебно во контекст на нивниот наратив за тоа зошто војуваат во Украина.
Оценува дека целата идеја за оваа помош има голема хумана димензија и тоа секако може да влијае на зголемување на угледот на државата.
-Не заборавајте дека Украина беше една од ретките земји која многу ни помагаше нас кога ни беше најтешко. Тоа јас барем нема да можам да го заборавам. Е сега, дали ќе имаме средства или не и што тоа значи ова во ек кога здравството ни е катастрофа, деца ни страдаат од корупција и бирократија која е целосно партизирана и девастација на сите јавни сектори во изминатте 30 и плус години ќе мора да се обратите на друга врата, истакнува Хаџи Јанев.
Во однос на јавното мислење околу евентуалната помош, професорот потенцира дека народот е тој кој секогаш е во право и кој знае што треба да направи.
-Па дури и за жал ако се отсели целосно од државата да ги остави елитите сами да си управуваат, заклучува Хаџи Јанев.
Во соопштението од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со Зеленски во Тирана, во рамки на учеството на самиот Украина – Југоисточна Европа, беше соопштено дека двајцата претседатели разговарале за последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници.
-Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека Северна Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Руската Федерација врз Украина која претставува повреда на Повелбата на ОН и принципите на ОБСЕ. Воедно, претседателот ја поздрави одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ и истакна дека Северна Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски по средбата со Зеленски.
Хрватска во 2023 година, со одлука на владата прими ранети Украинци и ги згрижи во своите здравствени установи.
Н.П.