Површни и незаинтересирани: Секоја наредна млада генерација бележи се послаби резултати во образованието, писменоста и општата наобразба

од Vladimir Zorba
708 прегледи

Во обид да го објасни суверенитетот како суштинска карактеристика на државата, студентка на Правниот факултет постојано го повторувала зборот суеверие. Шокиран, професорот увидел дека личноста која можеби ќе биде иден адвокат или судија, воопшто не ја знае разликата меѓу двата поими. Случката се уште е предмет на шеги, но професорите предупредуваат дека иако станува збор за фрапантен пример, секојдневната пракса е далеку од розова.

Според Александар Спасов, професор на Правниот факултет при УКИМ, секоја наредна генерација студенти покажува послаби резултати од претходната.

„Имаат намалена концентрација,и таа е приближно на ниво на ученици во основното образование.Фокусот им опаѓа после само половина час и издржуваат најмногу до два наставни часа со пауза меѓу нив. Не треба да заборавиме дека станува збор за возрасни луѓе кои без проблем треба да издржат еден или два блока од 1час и 30 минути“, вели Спасов.

Како проблем го истакнува фактот дека студентите имаат исклучително сиромашен речник кој се сведува на прости до просто проширени реченици. Една од причините е тоа што немаат навика да читаат книги, а незаинтересираноста за пишаниот збор се провлекува уште од основно образование кога дури и лектирите ги читаат во скратена форма на интернет.

„Не знаат да се изразат, особено не на стандарден македонски јазик. Дури и кога станува збор за две до три реченици прават пауза меѓу нив бидејќи нивната мисла нема тек“, категоричен е Спасов.

Како голем недостиг го посочува и непознавањето на правописот, што во одредени случаи добива загрижувачки размери, како на пример минималното знаење за употребата на интерпукциските знаци, но и мешањето на ракописните и печатните букви.

„Површни се, вели Спасов, а нивните амбиции се невтемелени бидејќи сакаат да работат, но не и да градат професионална кариера”.

Ваквата слика според него е поразувачка бидејќи станува збор за интелигентни млади луѓе, кои за разлика од генерациите од пред 15 – 20 години, имаат пристап до неограничен број информации на интернет, но и многу поголемо искуство преку можноста да патуваат насекаде низ светот.

Една од основните причини Спасов препознава во образовниот систем кој според него не се прилагодил на новата реалност.

„Се игнорира фактот дека младите луѓе на поинаков начин ги добиваат информациите, па интернетот наместо да ја развива нивната креативност стана средство за препишување семинарски, дипломски, па дури и магистерски и докторски трудови”, смета професорот.

Посочува дека нашиот образовен систем кој стагнира со години се соочува со очигледна криза, а сите досегашни реформи само ја направија ситуацијата полоша.

Според професорката Јасна Бачовска Недиќ, проблемот е сложен, но пред се системски.

„Студентите се во одредени аспекти поинформирани од нас професорите,знаат барем два странски јазика, имаат големи познавања од технологијата, прагматични се“, вели Бачовска.

Проблемите во нивната писменост ги детектира во образовниот систем, особено во основното образование кое, како што вели, е катастрофално.

„Погледајте ги учебниците во основно, тие се застарени, гломазни. Како можат да очекуваме концентрираност кај децата покрај вакви содржини кои им се нудат?“, прашува Бачовска.

Како исклучително застарен го оценува начинот на предавање за кој тврди дека е идентичен како пред 40 години што е недозволиво бидејќи целото општество е во меѓувреме изменето.

„Во училиштата во Финска децата учат преку филмови кои им се прикажуваат за време на часовите, а кај нас се уште се практикува просто меморирање, без смисла и разбирање“, вели Бачовска.

Затоа, според неа децата не гледаат како да сме од друго време.Знаат што да очекуваат бидејќи им се достапни искуствата од развиените држави, но тука ништо не им се овозможува. Категорична е дека е крајно време да се преструктуира образовниот систем, но и да се врати дигнитетот на образовниот кадар.

Неопходно е и да се сменат наставните програми кои како што тврди, вработените во Бирото за развој на образованието ги прават без никаква консултација со наставниот кадар. Бачовска е на иста линија со нејзините колеги и во однос на реформите кои досега беа направени. Критички оценува дека е многу подобар автохтониот модел на образование од превземениот кој е само препишан и неприлагоден на нашите услови.

К.В.С.

Слични содржини