„Повторно да го направиме Западот голем“ – Мелони и Трамп во заедничка мисија

од Љубиша Владимиров
23 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони одржаа состанок во Белата куќа, што претставува прва средба меѓу претставници на ЕУ и САД по воведувањето на тарифите. По состанокот, Трамп и Мелони одговараа на прашања на прес-конференција, при што американскиот претседател ја пофали Мелони со топли зборови.

„Сите ја сакаат и ја почитуваат. Таа е наша пријателка и имаме одлични односи меѓу САД и Италија. Разговаравме за трговијата и други важни теми. Таа е навистина посебна личност“, изјави Трамп.

Потоа, Мелони им се обрати на медиумите и истакна дека Италија, заедно со Америка, се бори против „културата на разбуденоста“ и илегалната миграција.

„Ова е вистинска можност да се зајакне нашето пријателство. Имаме заедничка борба и многу заеднички интереси поврзани со миграцијата и борбата против синтетичките дроги. Разговаравме и за одбраната, вселената, енергијата и трговијата. Италија ќе го зголеми увозот на течен природен гас (ЛНГ), а мислам дека можеме да соработуваме и во областа на нуклеарната енергија“, рече Мелони.

Потоа, таа се осврна и на вредностите на Западот.

„Кога зборувам за Западот, не мислам на географија, туку на цивилизација и сакам да ја направам посилна. Иако постојат одредени предизвици меѓу нашите брегови на Атлантикот, мојата цел е да седнеме и заеднички да најдеме решенија. Му благодарам на претседателот Трамп што се согласи да ја посети Италија. Мојата визија е  повторно да го направиме Западот голем“, изјави италијанската премиерка.

Слични содржини