По две години, повторно дојави за бомби во скопските училишта. Утрово пристигнале закани за експлозивни направи во шест школи на територија на општина Аеродром. Дојави имало и во други основни и средни училишта низ Скопје, поточно во Центар, Бутел…
Според информациите, учениците се евакуирани, а наставниците веќе ги информирале родителите да си ги земат децата. Тимови на МВР веќе вршат проверки.
Пред две години, речиси половина година лажните закани со бомби внесуваа немир во регионот и во Македонија. Од претпоставки за хибридна војна, странски сили, тинејџери кои сакаат да избегаат од часови, па се до кластер на заканувачи на кои полицијата им влегла во траг. Ова се само дел од сценаријата коишто беа разгледувани од страна на институциите.
Заканите започнаа на 26 октомври 2022 година. Мета беа пред се училиштата, каде речиси секојдневно пристигнуваа дојави за поставени бомби. Тензијата започна во Скопје, но набргу се прошири и во останатите градови. Алармот се вклучи и во државните институции, аеродромот, железничката станица, трговските центри, медиумите кои исто така се најдоа на мета на лажните дојави.
Од октомври до крајот на 2022 година беа евидентирани над 380 лажни пријави, додека од јануари до април 2023 година имало над 580 лажни дојави за поставени бомби. Вака објасни тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Сите дојави беа утврдени дека се лажни.