Откако на првата координација на алабанските министри во Владата немаше македонско туку само албанско знаме, сега праксата продолжува и по кабинетите на министрите. Денес во објавата на Арбен Таравари на социјалните мрежи, може да се види дека во неговиот кабинет има место само за албанското, американското и знамето на ЕУ, но никаде го нема македонското знаме.
Употребата на знамињата беше едно од главните прашања кои ВМРО-ДПМНЕ често ги покренуваше во јавноста и ја напаѓаше СДСМ. На првиот скандал во новата Влада, кога не беше поставено македонското знаме се огласи и Максим Димитриевски од ЗНАМ, заканувајќи се дека ќе ја напушти Владата ако повторно се случи ваков инцидент. Но, тогаш и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и Таравари жестоко реагирааа, порачувајќи му дека изборната кампања е завршена, на што ЗНАМ повеќе не искоментира.
Вчера вицепремиерот Изет Меџити, повторно спротивно на закон при официјални средби го истакна албанското знаме.
-На денешната средба со студентското собрание на Универзитетот „Мајка Тереза“ во зградата на Владата, отворено разговаравме за иднината, за нивните предизвици и потреби. Универзитетот е знаење и активизам за универзални вредности. Затоа, нашата влада ќе биде и активна во донесувањето радикални промени и пријателски настроена кон знаењето на студентите, стои во објавата на Меџити на Фејсбук.
Во Законот за знамињата на заедниците, нема конкретни одредби за употреба на туѓо државно знаме во владини институции. Единствено регулирана е нивната употреба во локална самоуправа доколку во истата живеат најмалку 50 проценти од таа заедница.
Сега е прашање дали оваа пракса која повеќе од јасно ќе се повторува ќе биде повторно повод за превирања во коалицијата. Се чини дела албанските партии продолжуваат со својата пракса без да се загрижат на пораките од своите коалициони партнери.