Повторно ќе донесеме пакет мерки за пензионерите со ниски пензии, најави Тренчевска

од Vladimir Zorba
863 прегледи

„Во 2022 ја донесовме методологијата која сите пензионери ја поздравија и рекоа „да, тоа е систем кој носи до поголеми пензии. Секоја година се усогласува со 50 отсто од трошоци за живот и 50 отсто од порастот на просечната плата. Усогласувањата во март и септември се речиси 14 отсто,” истакна Тренчевска во емисијата „Што мисли Народот” на ТВ Стар.

Министерката праша зошто 5000 денари и зошто минимална пензија 20.000 денари. И дали пензионерите кои протестираат имаат направено анализа.

„5000 денари линеарно покачување значат 330 милиони евра на годишно ниво само за покачувањето. Плус за редовната исплата на пензиите. Дали е реално кога се соочуваме со наследен дефицит на фондот за пензиско, кој што од година на година го намалуваме, да го оптовариме со 330 милиони евра и доведеме во прашање исплатата на сегашните и идни пензионери!” рече Тренчевска.

Министерката посочи дека пораст на пензиите од 24 отсто за година и половина е историско. Како и дека во 2022 година на сите 336 илјади пензионери се даде по 3000 денари, и за оние со пониски пензии по 6000 и 3000 денари како поддршка за најранливите.

„Денес имаме демократија и секој може да излезе на протест што не беше случај со претходната власт. Лидерот на опозицијата кога го прашаа што би направил за пензионерите, рече дека ќе разговара со пензионерите. Нешто што ние од почеток го правиме.” посочи Тренчевска.

Министерката потенцираше дека пензијата е економска категорија и дека висината на пензијата зависи од должината на работниот стаж и висината на примањата за време на работниот стаж.

„Оние пензионери кои денес земаат 13.200 денари, најголем дел од нив на решението за пензија им пишува дека оствариле 4000, 5000 …9000 денари, меѓутоа заради солидарниот систем, државата донела гарантирана минимална пензија која е во моментов 13.200 денари и разликата од тоа што го оствариле до минималната пензија државата го обезбедува,” истакна Тренчевска.

Таа се осврна на минималните пензии во регионот, па посочи дека во Хрватска таа изнесува околу 160 евра, а во Србија 10.800 денари.

„Оваа Влада се грижи за пензионерите. Повторно ќе донесеме пакет мерки каде што ќе бидат таргетирани пензионерите со ниски пензии. Меѓутоа нема да се нанесе штета на стабилноста на пензискиот фонд,” посочи таа.

Слични содржини