Повторно ќе има замрзнување на цените и затворање на маркети доколку се покачат производите

од Nikola Popovski
369 прегледи

Листата на производи која произлегува од Законот за нефер трговски практики е веќе подготвена, има над 2.500 земјоделски и прехранбени производи и е доставена до стопанските комори. Очекувам во рок од една недела, а најдоцна за 10 дена да имаме фидбек со нивни предлози и сугестии и како Министерство за економија да ја усвоиме листата по што сите чинители во трговијата, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.

Доколку за шест месеци, колку што трае усогласувањето има зголемување на цените, не ја исклучува можноста од повторно ограничување, но и затворање на маркети.

-Верувам во општествената одговорност на трговците, посебно на големите синџири на маркети зашто повеќе ги нема трошоците кои влијаеја на цените, но ако тоа се злоупотреби Министерството за економија ќе донесе соодветни мерки во корист на граѓаните. Тоа може да биде замрзнување на цени, услови кои би им ги дале на одредени трговци, а крајната мерка е затворање на одредени синџири на супермаркети преку носење на уредби и одлуки согласно кои инспекторатите и надлежните институции ќе постапуваат како што е предвидено во Законот за трговија, посочи Бектеши во одговор на новинарско прашање по денешното одбележување на Светскиот ден на потрошувачите.

-Производителите и трговците сами треба да ги средуваат односите во законската рамка, без злоупотреби и манипулација, истакна Бектеши.

Во средата едногласно со 82 гласа „за“ во Собранието беше усвоен Законот за забрана на нефер трговски практики. Со овој закон треба да се стави ред во цените на овошјето зеленчукот и прехранбените производи и да се спречи самоволието на трговците и добавувачите. На првите ефекти од овој закон граѓаните ќе мора да причекаат неколку месеци бидејќи трговците односно добавувачите имаат рок до средината на септември да се усогласат со одредбите во законот.

Слични содржини