Поради неприсуство на еден од обвинетите беше одложено продолжението на судењето за пожарот во тетовската модуларната болница кога животот го загубија 14 лица. Станува збор за сега веќе поранешниот економски директор на Клиничка болница, Артан Етеми.
Неговата одбрана информира дека обвинетиот денеска не дошол поради смртен случај.
Судијата Јордан Велковски информира дека судењето ќе продолжи на 31 јануари, термин што беше определен уште во декември 2022 година. Воедно, се определија и 16 февруари и 2 март како следни термини за продолжување на судењето.
На последното рочиште на 27 декември 2022 претставниците на Основното јавно обвинителство Тетово ги презентираа насловите од писмените докази кои се доставени со обвинителниот акт до Судот, а денеска предвидено е да има вербални докази од сведоци кои се на предлог на обвинителите.
Судењето почна пред три недели, на 7 декември 2022 година, откако од септември па се до тој месец, почетокот на судскиот процес беше одложуван.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
До судење дојде откако на 27 јули 2022 година Обвинителството поднесе обвинителен предмет до Основниот суд – Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинженер и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој биле приклучени дефибрилатор – апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.