Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“ повторно се одложи, овојпат за 24 октомври, откако во Основниот кривичен суд денеска не дојде предвидениот сведок предложен од одбраната, за кој беше приложен доказ за причината за отсуство.
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
На 9 април минатата година на Зеќири му беше одредена мерка притвор, која што поради здравствени причини во јуни годинава му беше заменета со домашен притвор.
Судскиот процес го води судијката Фанка Јанчулева – Михаиловска.