Повторно порасна потрошувачката кошничка, минимум 1.000 евра за да се преживее до 1-ви

од Nikola Popovski
116 прегледи

Повторно порасна минималната синдикална кошничка. За февруари изнесува 63 773 денари, при што синдикатот измери дека за 521 денар е повисока отколку во јануари годинава кога беше 63 252 денари. Со вклучување на кирија за стан пак, трошоците достигнуваат и до речиси 80 илјади денари.

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 23 427 денари или 36,7 отсто, за облека и обувки 5.800 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.096 денари или 9,6 отсто. За лична хигиена и одржување на хигиена во домот треба да се одвојат 2.195 денари или 3,4 отсто, за здравје 1.135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4.844 денари или 7,6 отсто.

Трошоците за комуникации се 3.417 денари (5,4%), за рекреација и култура 4.592 денари (7,2%), за образование 7.036 денари (11%), за ресторани и хотели 4.131 денар (6,5%), а за останати услуги 1.100 денари (1,7%). Живот во изнајмен стан бара дополнителни 21.471 денар.

Минималната кошница е мета на критики и оспорувања изминатите години. Неодамна, премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка, рече дека некои производи му се чудни, посочувајќи дека не е логично во неа да има цигари и оти тој во јануари не пробал цреши, праски, дињи или лубеница. За таа цел, смета дека треба да има интервенција во методологијата на минималната кошничка, врз основа на објективни параметри, со земање предвид на поскромни цени, а не со тие во поексклузивните супермаркети.

Дел од производите, граѓаните не ги користат или не ги користат во тој обем. Не знам колкава ќе биде реалната кошничка, можеби цените ќе бидат поголеми. Да создаваме таква потрошувачка кошничка која навистина граѓаните ја користат. За оваа не мислам дека е минимална потрошувачка кошница, рече премиерот на прес-конференција.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов претходно рече дека потрошувачката кошничка на синдикатот реално ги покажува потребите, но дека стојат на располагање доколку државата има потреба од нивната експертиза во пресметките.

-ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка која се покажа како единствен релевантен податок. Ако грешката е што во неа се ставени сеознски овошја, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Веројатно сите сакаат да станат синдикалци. Она што го критикуваат во нашата кошница е минимално пресметано – 25 грама цреши денеска можеме да поделиме со семејството, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал. Со 730 денари во текот на денот не може да купите ни четири бурека и четири јогурти, а не за појадок, ручек и вечера, порача Трендафилов.

Синдикатот прави и споредба на вредноста на синдикалната минимална кошница во Македонија со соседните земји. Во некои држави синдикалната кошница е далеку поголема, додека во други е помала.

Слични содржини