Судењето против новинарот Драган Павловиќ Латас и инфлуенсерот Стефан Лазаров, обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ се одложи за 19 јуни, откако одбраната побара да им се достават во целост доказите со кои располага Обвинителството со цел да можат да ја комплетираат одбраната.
Првообвинетиот Латас посочи дека сака транскрипт на содржината од цедињата кои се докази во предметната постапка на што претставниците од Обвинителството рекоа дека обвинетите имале доволно простор да ги побараат сите потребни докази од нив, но дека немаат ништо против нивното барање, во однос на побараниот транскрипт, иако истакнаа дека нема потреба од тоа, додека за доказите кои се однесуваат на документирање на Јутјуб каналот на Лазаров и неговиот профил на Фејсбук обвинителот посочи дека истите не содржат говорен материјал.
Според обвинението, двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
-Првообвинетиот, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на второобвинетиот, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Второобвинетиот, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан, стои во соопштението на обвинителството.
Според Кривичниот Законик, тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Даниел Коцев.