Нов немил настан поврзан со јавниот градски превоз. Автобус на ЈСП Скопје денеска се запали и изгоре во Сопиште. Станува збор за возило од приградската линија 58.
Според информациите, автобусот е во близина на приватни куќи и дрвја и постои опасност да се прошири. На теренот веднаш излегле екипи од противпожарната бригада.
Засега не е позната причината за запалувањето на автобусот и дали во моментот на пожарот во него имало патници.
Ова не е првпат да избувне пожар во автобус на ЈСП. Лани тоа се случи во скопски Бутел, а имаше пожар и во автобус кој беше паркиран под Железничката станица. Друг автобус на ЈСП со број 2 заврши на бетонските жардиниери во близина на ТЦ „Мавровка“. Тогаш дојде обвинување од возачот дека воланот му се закочил и не можел да го исконтролира автобусот.
Освен недостаток на возачи во ЈСП, имаше и доцнење на автобусите, па имаа проблем со платите. Дека состојбата во ЈСП Скопје воопшто не е идилична, сведочи и изјава на првиот човек на јавното претпријатие, Драги Кушовски.
-Реалната состојба е таква каква што е, нема што да криеме. Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле адаптирани на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси, рече меѓу другото Кушовски на една од ланските седници на Советот на Град Скопје.