Повторно ветување дека Скопје ќе добие Луна парк, овој пат од Ѓорѓиевски

Кандидатот за градоначалник на Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денес вети обнова на две локации - Луна паркот и Зоолошката градина.

од Vladimir Zorba
13 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Кандидатот за градоначалник на Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денес вети обнова на две локации – Луна паркот и Зоолошката градина.

Генерации деца израснаа без луна парк и без вистинска, модерна зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени, истакна Ѓорѓиевски.

Притоа, тој нагласи дека Скопје мора повторно да стане град каде детството има свое место, своја радост и свој дом.

– И токму затоа, сакам да најавам дека по многугодишно одолговлекување и празни ветувања, ние ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен луна парк, наменет за сите генерации. Ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна паркот ќе биде пристапен за сите. И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео – надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот, подвлече Ѓорѓиевски.

Паралелно со тоа, најави дека ќе ја започнат и целосната обнова на Зоолошката градина – Скопје, дека ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Тој најави исто така дека ќе ги реновираат живеалиштата за животните, според европски стандарди за хуман третман и благосостојба. Поставување на топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови кровови со пластифициран лим, видео – надзор, систем за безбедност и хигиена.

Инаку идејата за модерен Луна парк започна од мандатот на Коце Трајановски (2009 – 2017), кој најави планови кои вклучуваа нови и современи реквизити и проширување на површината на која ќе се протегаше Луна паркот.

Петре Шилегов исто ветуваше дека ќе се изгради нов Луна парк „најмодерен во регионот“, дека ќе има атракции кои ги нема на друго место на Балканот.

Актуелната градоначалничка, Данела Арсовска, во предизборието го стави Луна Паркот во еден од нејзините приоритети што ќе се реализира во првите две години од нејзиниот мандат.

Слични содржини