Нови дојави за бомби во средни училишта во Скопје. Закана за експлозивна направа стигнала во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Местоположбата на училиштето, во центарот на градот е во непосредна близина на повеќе здравствени институции.
Во тек е евакуација на учениците и вработените, а полицијата е на терен и врши антитерористички проверки.
Како што пристигнуваат информации, дојави биле испратени и на адресите на гимназиите „Орце Николов“, „Георги Димитров“ и „Јосип Броз Тито“. Се чека и официјална потврда од МВР и дополнителни информации каде се има пристигнато дојави.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера истакна дека речиси е невозможно да се детектира од каде доаѓаат заканите, поради тоа што се прават преку т.н. ВПН врски хостирани во странство.
Неделава за првпат закана за бомба стигна и на адресата на Министерството за надворешни работи, а претходно имаше дојава и во зградата на Народната банка.
Првата дојава беше регистрирана на 26-ти октомври кога во земјава пристигна шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и оттогаш речиси по две-три дојави на неделно ниво се испраќаат во образовните установи или во некој трговските центри.
Сите закани досега беа утврдени како лажни.
Фото: Локално