Министерот за надворешни работи, Бујар Османи информира дека нема да присуствува на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, „Никола Вапцаров“, како што вели, од истите причини поради кои што не бил на отворањето на бугарскиот клуб во Охрид, „Цар Борис Трети“.
-Ме прашаа дали ќе одам. Нема да одам затоа што сметам дека ниту тој во Охрид, ниту тој Благоевград прават заслуга на македонската и бугарската заедница. Тоа не е ставено во процес кој што се одвива в духот на пријателството и соработката и промовирање на вредностите на заедниците овде и таму, рече Османи за неговата вчерашна изјава за бугарскиот медиум „БТВ“.
Според него, „целиот процес треба да се врати во нормален колосек, а не во духот на меѓусебен натпревар“.
-Кога дознав кој го финансира клубот во Благоевград, ми беше јасно и сите аспекти од отворањето. Тоа е една фондација од Канада која има своја веб-страница и доколку ги погледнете позициите кон државата и стратешките интереси, ќе видите дека не е во функција на стратешките интереси на државата и не очекувам да биде во функција на интересите на граѓаните или на односите. Не зборувам дека немаат право, туку не ми се допаѓа оваа тенденција за да се злоупотребат заедниците од политички актери. Веќе политичари бараат простор за некаква агенда и тоа не е патот кој што сакаме да го правиме. Да не дозволиме некој да ни ја киднапира агендата, истакна Османи на прес-конференција.