Миро Буљ, пратеник во хрватскиот парламент од редовите на „Мост“ денеска своето обраќање го заврши со контроверзниот поздрав, најчесто поврзуван со Усташите во Втората светска војна, „За дом спремни!“. Претседателот на парламентот, Гордан Јандроковиќ, го повика да не провоцира, известува index.hr.
Буљ ги повика сите граѓани на традиционалните настани „Денови на алката“ и „Госпа Сињска“, како и на прослава на воената операција „Бура“ и концерт на Марко Перковиќ – Томпсон, па говорот го заврши поздравувајќи го претседателот на Саборот, Јандроковиќ, и сите бранители со „За дом спремни!“. Тоа предизвика низа реакции, а „паднаа“ и тешки зборови и навреди.
Јандроковиќ го повтори својот став дека поздравот „За дом спремни!“ има двојна конотација – едната поврзана со усташката Независна држава Хрватска (НДХ), којашто е неприфатлива и подлежи на осуда и казни, но и втора, поврзана со Татковинската војна (1991-1995), Хрватските одбранбени сили (ХОС) и различните одбележувања и комеморации и годишнини, каде што тој поздрав е прифатлив. „Исто така, во песната „Бојна Чавоглаве“ (на Марко Перковиќ – Томпсон), со одлука на суд, тој повик може да се користи“, рече претседателот на Саборот.
„Сега го изговоривте повикот „За дом спремни!“ надвор од тој контекст, ова не е комеморација или одбележување годишнина на ХОС. Вие не сте Томпсон, а не ми изгледате ни како усташ, значи Вие едноставно провоцирате!“, реагираше Јандроковиќ, порачувајќи му на Буљ дека на таков начин нанесува штета на хрватскиот Сабор и Хрватска за малку политички поени.
Марија Лугариќ (СДП) и Марин Живковиќ (Можеме!) сметаат дека Буљ требало да добие опомена со одземање на микрофонот, оти шири омраза. Србинот Милорад Пуповац (СДСС) порача дека на тој поздрав не му е место во Саборот, оти станува збор за усташки поздрав „и само тоа и единствено тоа!“.
Уследија навреди. Десницата ја нарекуваше левицата „љубители на комунизмот и Југословени“, а овие им возрвраќаа дека промовираат усташтво. Јосип Јурчевиќ (НЗ) ја нарече левата опозиција „обожаватели на злосторничкиот комунистички тоталитарен систем“ и рече дека поздравот е стар хрватски поздрав, а Ивана Марковиќ (СДП) го праша Јандроковиќ како во иднина да му се обраќа: „со господине претседателе или со господине поглавниче“, алудирајќи на титули во НДХ и заврши со „Смрт на фашизмот!“
Дамир Билоглав (ДОМИНО), кој пред една седмица во хрватскиот парламент поздрави исто така со „За дом спремни!“ рече дека за некои луѓе тој поздрав нема двојна конотација.
„Под тој повик се подразбираше единствено ултимативни подготвеност за одбрана на својот дом во најтешките моменти на Татковинската војна“, рече тој.
Поздравот „За дом спремни!“ беше извикуван многупати од публиката пред и во текот на концертот на Томпсон минатата сабота на загрепскиот Хиподром.