“Пожар кај Арачиново го труе градот – апел за помош до Арсовска!”

од Марта Пешевска
19 прегледи

Веќе повеќе од 30 часа гори голема депонија во близина на Арачиново, предизвикувајќи сериозно загадување на воздухот и ширење на штетен чад над Скопје. Ситуацијата предизвика загриженост кај надлежните институции, а јавноста очекува побрза реакција.

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, преку својот профил на Фејсбук упати јавно барање до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и до Територијалната противпожарна единица на Скопје, да се засилат напорите за гаснење на пожарот кој, според него, веќе сериозно ја загрозува животната средина.

„Овој пожар гори непрекинато од вчера попладне и веќе го задуши Скопје со чад и отрови. Иако оваа депонија не се наоѓа во шумски појас и не е во наша надлежност, подготвени сме да помогнеме доколку е потребно,“ напиша Михаилов.

Тој го нарече пожарот „еколошка бомба“ и предупреди дека чадот и токсичните испарувања претставуваат сериозна закана за здравјето на граѓаните, особено за оние кои живеат или секојдневно се движат во овој дел на градот.

Од надлежните институции се очекува итна и координирана акција за целосно гаснење на пожарот и справување со последиците. Граѓаните апелираат за одговорност и посветеност во решавањето на овој проблем кој директно влијае на квалитетот на животот во метрополата.

Слични содржини