Пожари беснеат во Португалија, црвен аларм поради екстремните горештини и во Шпанија

од Stefanija Kuzmanovska
196 прегледи

Неколку големи шумски пожари беснеат низ централна Португалија и западна Шпанија, заканувајќи им се на селата во услови на топлотен бран кој синоптичарите очекуваат дека ќе ги придвижи температурите близу или над рекордните нивоа и ќе поттикне нови пожари.

Речиси целото копно на Португалија беше под црвен аларм поради екстремни топлотни услови, додека температурата во центарот на Сантарем, област североисточно од Лисабон, се очекува да достигне 46 степени, соопшти метеоролошкиот институт IPMA, пренесе „Ројтерс“.

Највисоката температура во Португалија досега измерена била во 2003 година и изнесувала 47,3 степени Целзиусови.

Светската метеоролошка организација предупреди дека топлотниот бран се шири и се засилува во големи делови од Европа.

Со климатските промени, се очекува бројот на екстремни шумски пожари да се зголеми за 30 проценти во следните 28 години, според извештајот на ОН од февруари 2022 година.

Повеќе од 1.400 пожарникари со поддршка од 23 авиони се бореа со десет шумски пожари.

Во западниот шпански регион Екстремадура на границата со Португалија, пожарникарите превентивно евакуираа неколку стотици жители и продолжија да се борат со комплицираниот пожар што ја зафати соседната провинција Саламанка.

Црвен аларм е прогласен во делови од регионите на Екстремадура, Андалузија и Галиција поради екстремни горештини, соопшти шпанската метеоролошка служба АЕМЕТ.

Се наведува дека температурите би можеле да го надминат претходниот рекорд од 47,4 степени за цела Шпанија поставен во август 2021 година и рекордот од 40,7 степени за Мадрид.

Слични содржини