Пожарникарите ја имаат ситуацијата под контрола во Грција

од Radmila Tasevska
280 прегледи

Пожарите во Грција утрово се главно „под контрола“, но пожарникарите не ја намалуваат будноста бидејќи во текот на денот е можен силен ветер.

По две недели борба против стотиците пожари што избувнаа во земјата, повеќе од 460 пожарникари сè уште се целосно мобилизирани околу најголемите жаришта што се во последните денови на островите Родос и Крф, летните туристички дестинации, како и во централниот дел на Грција, во близина на Волос, во префектурата Магнезија.

„Веќе нема активен фронт“ на Родос, Крф и Магнезија, зоните кои најмногу не загрижуваат, најавуваат пожарникарите.

Како што наведоа, има расфрлани делови од пожари кои се гаснат, но бројот на пожарникари на терен не се намалува сè додека целосно не се изгаснат големите пожари.

Метеоролозите предвидуваат дека локалните ветрови би можеле да достигнат меѓу 50 и 60 километри на час.

По дводневните малку пониски температури, се очекува повторно благ пораст и меѓу 32 и 34 степени, односно од 35 до 37 степени во центарот на државата и на југот, информираат метеоролозите.

Ветерот и топлината се фактори кои ја влошуваат состојбата.

Како и другите медитерански земји кои исто така имаат пожари, и Грција минува низ период на големи горештини, минатата недела локално беше повеќе од 46 степени.

Досега изгореа 50.000 хектари, а пет лица ги загубија животите.

Поради пожарот беа спроведени повеќе операции за евакуација, особено минатиот викенд на Родос каде беа евакуирани 20.000 луѓе.

Пожарите извршија притисок и врз конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис, реизбрана пред еден месец, која беше обвинета дека не прави доволно за да ја заштити биолошката разновидност и да преземе мерки за да спречи пожари.

Грчкиот министер за заштита на граѓани Нотис Митаракис, во чиј оддел е и полицијата, мораше да поднесе оставка во петокот кога се дозна дека последните неколку дена бил на одмор, среде гаснење на пожарите.

Слични содржини