Пожарот на мостот „Беласица“ бил предизвикан од човечки фактор

од Nikola Popovski
771 прегледи

Пожарот кај мостот „Беласица“ кој води од трговскиот центар „Ист гејт“ до Железничката станица, бил предизвикан од човечки фактор. Ова синоќа го обелодени градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска. Како што вели, мостот не треба да биде пуштен во сообраќај додека не биде целосно безбеден.

-Прелиминарно, она што го имаме како информација е дека се работи за фактор човек. Имаме несовесни граѓани кои за жал, не размислуваат каква штета можат да преизвикаат и не размислуваат дека можат и луѓе да загинат. Тоа е нешто за кое апелиравме и се надеваме дека МВР и Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе ги преземат соодветните мерки како би можеле да бидат елиминирани сите овие последици и она од кое стравуваме, да се најдат сторителите и да бидат санкционирани, рече Арсовска во емисијата „10 минути“.

Одговорајќи на прашањето колку би траел периодот на затворање на мостот за сообраќај, градоначалничката појасни дека тоа не зависи од Градот.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вчера информира дека е во комуникација со Град Скопје за реконструкцијата на мостот.

-Од податоците кои што ги добив од Противпожарната бригада на Градот на Скопје, според видот на огнот, е дека температурата била повеќе од 1000 степени Целзиусови. Бетонската подлога на мостот од долната страна ги губи своите својства над 400 степени, додека арматурата над 600 степени. Поголемата опасност е во тоа што носечките елементи на мостот се на долната страна, а пожарот беше токму таму, појасни Ангелов на прес-конференција.

Тој истакна дека во моментов нема информации кога ќе почне реконструкцијата на мостот.

-Градот Скопје формира работна група од врвни експерти. Тие треба да излезат со точен податок колкава е штетата на мостот и врз основа дали тој ќе може да се реновира и колку време ќе биде потребно за да се стабилизира, рече Ангелов и побара од граѓаните да не поминуваат по мостот.

Слични содржини