Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска информира дека е во комуникација со Град Скопје за реконструкцијата на мостот „Беласица“ кај трговскиот центар „Ист Гејт“, после минатонеделниот пожар кој ја зафати инсталацијата и цевките под него.
-Од податоците кои што ги добив од Противпожарната бригада на Градот на Скопје, според видот на огнот, е дека температурата била повеќе од 1000 степени Целзиусови. Бетонската подлога на мостот од долната страна ги губи своите својства над 400 степени, додека арматурата над 600 степени. Поголемата опасност е во тоа што носечките елементи на мостот се на долната страна, а пожарот беше токму таму, појасни Ангелов на прес-конференција.
Тој истакна дека во моментов нема информации кога ќе почне реконструкцијата на мостот.
-Градот Скопје формира работна група од врвни експерти. Тие треба да излезат со точен податок колкава е штетата на мостот и врз основа дали тој ќе може да се реновира и колку време ќе биде потребно за да се стабилизира, рече Ангелов и побара од граѓаните да не поминуваат по мостот.
-Не смееме да ризикуваме. Во наредните денови Градот Скопје ќе излезе со точни информации. Апелирам граѓаните да ја почитуваат забраната.