Пожарот во Чучер Сандево е надвор од контрола, се размислува за евакуација

од Milan1
145 прегледи

Во текот на денешниот ден, на терен интервенираа сите расположливи сили и средства — општински служби, физички и правни лица, како и екипи од БППЗ, ДЗС, МВР и ЦУК. Сите капацитети се ангажирани, но условите на теренот се исклучително тешки.

Голема е вознемиреноста кај населението, бидејќи чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, сè до Бутел. Истовремено, регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во близина на куќи.

Во раните утрински часови беше пружена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето со уште еден воздухоплов. Поради временските услови, се очекува пожарот во текот на ноќта делумно да се стиши, што би овозможило поефикасно дејствување на теренот утре.

За утре е планирано акциите да започнат уште во 5:00 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР. Во вечерните часови, екипите ќе останат на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и потребите.

Истовремено градоначалникот на Општината Чучер Сандево Сашко Комненовиќ за „тв 24“ соопшти дека свикал вонредна седница и бараат од владата да прогласи вонредна состојба во општината поради пожарот кој се шири во населените места Глуво, Чучер, Кучевиште и Блаце.

Според градоначалникот на општината, противпожарната механизација присутна на терен не е доволна за справување со пожарите. Од општината испратиле предлог и за меѓународна помош, а размислуваат и за евакуација на мештаните.