Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов преку видео изјава од терен соопшти дека скопските пожарникари во текот на целата ноќ се обидувале да го изгаснат пожарот на депонијата Дрисла.
-Гаснењето со вода не даваше резултати, по што се пристапи со затрупување на најкритичниот дел од депонијата, каде беше најсилното горење. Бидејќи е прогласена кризна состојба на територија на цела држава поради пожарите, денес надлежноста врз депонијата Дрисла ја презема Главниот штаб за управување со кризи. Од тие причини дадовме задача денес да се почне со агресивно затрупување на дел од депонијата Дрисла, каде го имаме најголемото чадење, делот каде се одвива горењето, изјави Ангелов.
Очекува до попладневните часови овој дел да биде целосно затрупан и чадењето, кое од вчера доцна попладне до денес, предизвиква силни непријатности за граѓаните да застане.
Ангелов изјави дека има индиции дека се работи за намерно подметнат пожар бидејќи во текот на летото, кога имало високи температури не дошло до самозапалување на депонијата.
– Денес Управувачкиот комитет за управување кризи и предложи на Владата да донесе одлука за забрана за движење во депонијата Вардариште. Оваа депонија ќе биде обележана и движењето низ неа ќе биде казниво. На тој начин ќе спречиме злонамерници да се движат во оваа депонија и ќе биде внимателно обезбедена и ќе спречиме нејзино намерно или ненамерно потпалување, рече Ангелов.
Ангелов информира дека овие мерки досега се преземени од страна на Владата и други владини институции за да се избегне опасноста од предизвикување нови пожари на овие депонии и очекува тие да дадат резултати.
– Секојдневно на депонијата Вардариште од страна на специјалните возила на ДЗС се врши дотур на вода, со кој се догаснуваат испарувањата кои секојдневно упорно се повторуваат. На депонијата Дрисла и на депонијата Вардариште има по едно возило хермелин на ДЗС, рече Ангелов, кој очекува двете депонии да бидат целосно затрупани.