За помалку од една недела официјално почнува предизборната кампања за локалните избори оваа година. Несомнено, како и секогаш се поставува прашањето, ќе имаме ли наплив на лажните вести и дезинформации? Ќе бидат ли граѓаните „заложници“ на црна кампања, или пак овој пат кандидатите и партиите ја научија лекцијата и ќе покажат поголема демократска свест?
Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први”, Јасна Бачовска Недиќ не очекува голема промена од досегашните кампањи. Таа во изјава за „Локално“ појаснува дека кампањата за локални избори повторно нема да се разликува од кампањата за национални избори.
-Одредени индикатори укажуваат дека нема да се води конструктивна кампања со политичка толеранција и нема да се разликува кампањата за локални избори од кампања за национални избори. Ова е нешто што е воспоставено кај нас, како политичка култура. Мислам дека, за жал, истиот тренд ќе биде и во овој процес на локалните избори, вели Бачовска Недиќ.
Младите да бидат фактори кои што ќе едуцираат и менуваат нешто
Освен што не очекува голема промена на претстојната кампања од досегашните, професорката вели и дека демократските оценки нема да бидат високи.
-Настаните и дебатите кои што се случуваат поврзани со локалните проблеми навестуваат кампања, која од еден аспект сепак ќе биде проблематична и во однос на демократските оценки. Демократските оценки нема да бидат високи, така што не очекувам некоја голема промена од досегашните кампањи, додаде Бачовска Недиќ.
Професорката очекува кампања во која ќе има политичка поларизација, а кандидатите ќе се обраќаат само на гласачите кои ги приоритизираат и на нивните политички партии, наместо повеќе да се обраќаат кон гласачите од спротивниот табор.
-Очекувам кампања во којашто ќе има повторно политичка поларизација. Кандидатите ќе се обраќаат само на оние гласачи кои што ги приоритизираат наместо повеќе да се обраќаат кон гласачите на спротивниот табор, со цел зголемување на толеранцијата и решавање на локалните проблеми, вели професорката.
Бачовска Недиќ објаснува дека треба да има индивидуален пристап и рационална кампања која што ќе троши помалку средства.
-Знаете каков е нашиот стандард и какви ни се можностите. Кампањите за локални избори треба да бидат поевтини и секогаш да се води сметка за целиот потенцијал на кандидатот, додава професорката.
Како што потсетува, правило во демократските земји е дека на локалните избори се гласа за кандидат, а не за политичка партија.
Таа е на ставот дека треба да се гласа за човек кој што неговите сограѓани го познаваат, човек кој што направил нешто за заедницата и е вреден домаќин.

Јасна Бачовска Недиќ, Фото: Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“
-Помалку треба да се споменува партијата која што се претставува, а повеќе да се говори за индивидуалните капацитети, преку едно автентично водење на кампањата, вели професорката.
Бачовска Недиќ смета дека веќе треба да ја научиме лекцијата, особено затоа што во кандидатурата се многу млади и образовани луѓе. Тие треба да бидат фактори кои што едуцираат и менуваат нешто.
-Можеби сега сме во период кога цел свет се наоѓа во некоја криза и можеби оваа ситуација не е специфична само за нас. Но, треба да ја научиме лекцијата. Да направиме нешто во нашата средина, бидејќи никој друг за нас нема да направи. Другите само не мониторираат, додава професорката.
Кандидатите повеќе да бидат свртени кон граѓанинот, помалку кон партијата
Професорката Бачовска Недиќ очекува во претстојната кампања младите и образовани кандидати да покажат повисока демократска и домаќинска свест, повеќе да бидат свртени кон граѓанинот, отколку кон лидерот на својата политичка партија.
-И новинарите треба да бидат „компас“ и коректив, да ги поставуваат овие прашања. Мислам дека сите сме засегнати. Дури и ние како академска заедница треба да сме поактивни во тој едукативен пристап, и да сме присутни во јавноста со некоја конструктивна критика. Критики не смеат да се сфаќаат како нешто да имате против некого, туку напротив, тоа е за доброто на нашата заедница. Треба да бидеме корективи, рече Бачовска Недиќ.
Таа е на ставот дека кандидатите најчесто се обраќаат на своите политички партии, а треба да се обраќаат најмногу на гласачите за кои мислат дека се од спротивниот табор, за да ги убедат во квалитетот на својата програма и својата енергија.
Шукова: Ќе водам кампања што ќе понуди реални решенија за сите предизвици со кои се соочува Скопје
Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова во изјава за „Локално“ вели дека ќе води кампања која што ќе понуди реални решенија за сите предизвици со кои се соочува Скопје.
-Ќе водам кампања што ќе понуди реални решенија за сите предизвици со кои се соочува Скопје и визија за град кој им припаѓа на своите граѓани. Најавувам борба за Скопје, за нашиот дом, вели Шукова.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Каја Шукова
Според Шукова, градот што го преживеа најтешкото, заслужува повеќе.
-Ние сите заслужуваме повеќе, бидејќи го сакаме овој град. Скопје може подобро, и ќе биде подобро. Затоа што Скопје сме сите ние. Време е да му дадеме нова сила. Време е да ги земеме работите во свои раце, додаде Шукова.
Таа вели дека ќе води позитивна кампања, и нема да премолчи на лажните обвинувања.
Ѓорѓиевски: Театарот ги полни социјалните медиуми, но не ги решава секојдневните проблеми
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, за „Локално“ објаснува дека како никогаш досега, оваа кампања треба да биде натпревар на идеи, на визии и на конкретни решенија за проблемите на Скопје.
-Градот во моментот се соочува со сериозна дисфункционалност и акцентот мора да се стави на проекти, а не на дополнително загадување на јавниот етер. На граѓаните не им треба дополнителни политички драми, меѓусебни навреди и обвинувања кои ја трујат веќе политизираната атмосфера која ја има Скопје. Верувам дека сите сме свесни дека времето за црни кампањи помина и дека денес луѓето сакаат да слушнат како ќе изгледа градот во иднина, рече Ѓорѓиевски.
Напомена дека очекува граѓаните да не ја наградуваат негативната кампања, туку искуството и визијата на кандидатот за градоначалник на Град Скопје.
-Јас ќе настојувам да понудам програма која ќе го ревитализира Скопје. Програма која ќе донесе ред во јавниот превоз, чистота на улиците и уредени паркови. Скопје е во исклучително парализирачка состојба и не смееме да го сведеме на политички препукувања. Очекувам дека барем дел од моите противкандидати ќе ја препознаат таа потреба и дека рационалноста ќе преовлада, бидејќи во моментот најважно е да се работи, посочи кандидатот за градоначалник на Скопје.
Според Ѓорѓиевски, Скопјани се уморни од слушање кој колку е лош, кој што направил пред десет години, кој што рекол во некоја прилика.
-Луѓето се исцрпени да бидат само сведоци на лични пресметки и обвинувања кои не носат никаква корист. Tокму поради оваа презаситеност, согледувам промена кај граѓаните – особено кога станува збор за локалните избори. Граѓаните се’ повеќе и повеќе очекуваат идеи и резултати, а ние – кандидатите, мораме да одговориме на тој повик. Затоа сметам дека на овие локални избори, како никогаш досега, треба да се фокусираме на натпревар на идеи и решенија и само така да ја вратиме изгубената доверба и оптимизам на жителите на Скопје, рече Ѓорѓиевски.
Тој е на ставот дека во овој момент, на Скопје му недостига помирување, доза на политичка зрелост и соработка со сите.

Фото: Орце Ѓорѓиевски
-Оптимист сум дека оваа кампања може да биде чекор напред, затоа што повеќе од кога било, граѓаните се свесни дека театарот ги полни социјалните медиуми, но не ги решава секојдневните проблеми, додаде Ѓорѓиевски.
Но, како што посочи, тоа зависи и од одлуките на останатите кандидати. Напомена дека ќе се држи до фер и чиста кампања, затоа што верува дека тоа е патот што води до победа и катарзата која ни е потребна.
-Јас ги слушам предлозите и проектите на другите кандидати и се што е добро и корисно за граѓаните ќе го вклучам во идните проекции и работа за Скопје. Мојата кампања ќе биде едноставна – позитивна и отворена. Ќе зборувам за проблемите што секојдневно ги гледаме: полни контејнери, загаден воздух, хаос во сообраќајот и небезбедни улици за пешаци и велосипедисти, рече Ѓорѓиевски.
Кандидатот за градоначалник најави дека нема да ветува „велелепни“ проекти кои ќе останат само на хартија. Рече дека нема да дозволи лажните вести да нè одвратат од вистинската цел.
Според Ѓорѓиевски, најсилното оружје против лагите е искрената комуникација.
– Сакам да ја слушнам секоја мака и секое предлог-решение од граѓаните, затоа што верувам дека само заедно можеме да изградиме поубаво Скопје. Кога станува збор за лажните вести, нема да дозволам тие да нè одвратат од вистинската цел. Мојот одговор секогаш се темели на брза реакција и транспарентност. Најсилното оружје против лагите е искрената комуникација – лице в лице со граѓаните. Во Кисела Вода граѓаните веќе видоа дека така работам, тоа дава ефекти и така ќе продолжам. Но исто така, нема да ја трошиме енергијата на сечии измислици. Ќе се фокусирам на тоа што е моја обврска – да го направам Скопје подобро место за живеење, додаде Ѓорѓиевски.
Тој верува дека најдобриот начин да се победат лажните вести е чесна работа и отвореност.
-Кога граѓаните гледаат резултати и имаат доверба во вас, секоја лага станува како „ланскиот снег“. Зад мене стои кредибилитет на работа. Како градоначалник на Општина Кисела Вода оставив впечаток и граѓаните знаат дека со мене се на сигурно. Тоа што е ветено во Кисела Вода е исполнето, тоа што ветувам во Скопје, ќе го исполнам, рече Ѓорѓиевски.
Б.Т.