Позитивните примери треба да бидат модел на однесување

Колумна на Атанасоски: „Редовна фолклорна политичко-партиска пресметка се обвинувањата за предавници и патриоти, кодоши и измеќари, глодари, на катадневно ниво обвинување за криминал и корупција под прашална форма, ѓомити да се избегнат тужби за навреда, клевета и повредување на честа, угледот и достоинството“

од Nikola Popovski
243 прегледи Фото: Локално

Во изминативе трисет и пет години на повеќепартиска демократија, македонските политички елити, кога станува збор за водење на политичка кампања, предизборно, но и во секојдневните напади на  прес конференции, не бираа  средства, методи и особено зборови да го дисквалификуваат противничкиот опонент  доведувајќи ја  политичката борба  до карлшмитовска „битка до истребување“, меѓу политичките ривали  во двата политички пола. Па така редовна „фолклорна политичко-партиска пресметка“ се обвинувањата за предавници и патриоти, кодоши и измеќари, глодари, на катадневно ниво обвинување за криминал и корупција под прашална форма, ѓомити да се избегнат тужби за „навреда, клевета и повредување на честа, угледот и достоинството“. Во морето на таквите гнасни инсинуации и вербални еквилибристики, секако се подразбира дека политичките партии , презентирале партиски програми, со кои се промовираат решенија за наталожените проблеми на граѓаните, но тие условно кажано, „позитивни  теми“, биле пренебрегнати  и поклопени од грозоморието на негативниот ракурс на македонската политичка сцена. И во двата т.н етнички политички блокови: било да станува збор за македонскиот или пак за албанскиот.

Ѓорче Петров испишува поинаква приказна!

Исклучок од ова непишано правило, без разлика дали станува збор за парламентарни, локални или претседателски избори, на овогодинешните локални избори, кои ќе се одржат оваа есен во месеците октомври и ноември, соодветно, онаму каде што ќе има втор круг, покажува кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ во скопската општина Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, каде што со својот тим, создава  една поинаква, во позитивна смисла на зборот предизборна кампања, која ги нагласува решенијата на напластените проблеми  од локален карактер, согласно доменот на ингеренциите на еден градоначалник. Имено  со својот млад тим и екипа, во јавноста креираат  и оставаат впечаток, дека наметнуваат еден нов приод во водење на кампањата , кој треба да биде модел и за во иднина , на преостанатите кандидати за функционери во сите идни изборни „трки  и  пресметки“. Меѓу другото, и новинари и аналитичари, кои важат традиционално блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, јавно го истакнаа овој факт, што значи кампањата им е дотолку позитивна, што и во очите на политичкиот противник, буди пофални реакции. На фонот на грогираната опозиција, која после епскиот пораз на минатогодишните парламентарни и претседателски  избори, мака мачи да се консолидира, приказната од Ѓорче Петров е светол пример, како понатаму нивните партиски другари да се однесуваат во комуникацијата со граѓаните. Сето ова не наведува на сериозна битка за секој глас и неизвесна трка до крај во оваа скопска општина.

Од некаде мора да се започне!

Во неподносливата леснотија на македонското сивило, ретки се примерите кои будат позитивни реакции и надеж за подобрување на севкупните состојби во државата. Постојано сум велел, дека политичарите, односно јавните функционери треба да бидат пример со своето поведение и однесување во јавноста, прво, бидејќи се легитимно избрани на непосредни избори од граѓаните, кои како суверен го пренеле својот легитимитет да управуваат со нашите заеднички и јавни добра, и второ, претставуваат пример по кој треба да се водат граѓаните. Односно, ако имаме одлика на политичари и политички елити, кои меѓусебно се навредуваат, омаловажуваат и дискредидираат на вулгарен, а понекогаш и на многу уличен и простачки начин, како да очекуваме дека „обичните “ граѓани поинаку, ќе се однесуваат во своите социјални и општествени интеракции и меѓусебни  комуникации во секој можен однос на човечкото битисување: дали во семејните односи, со колегите на работа, во јавниот простор по пазарите, на улица, во сообраќајот, во институциите на системот, едноставно насекаде. Нека светлите примери, бидат патоказ, како во иднина да изградиме попросперитетна и подобра држава и прогресивно општество во кое пред се младите луѓе, ќе сакаат да останат дома, и тука да го реализираат својот животен и личен професионален пат.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.