Американскиот ТВ-новинар и коментатор Лоренс О’Донел изјави дека мора да земе една недела одмор поради екстремна исцрпеност, за што директно го обвини американскиот претседател Доналд Трамп.
Водителот на „MSNBC“ е познат по неговата емисија „Последниот збор“, во која беше домаќин на бројни познати личности, меѓу кои и политичари.
Сепак, се чини дека почетокот на мандатот на Доналд Трамп му предизвика преголем стрес, па за време на јавување во „MSNBC“ изјавил дека не може да вети дека ќе ги покрие првите 100 дена од мандатот на Трамп.
„Ова е ден 52. Мислев дека е 92. Веќе сум исцрпен, па ќе земам одмор следната недела. Ова сега ви го кажувам затоа што знам дека не ви се допаѓа кога само ќе се оддалечам. Само земам слободно време, а потоа можам да се вратам и да стигнеме до стоте дена“, ѝ кажал О’Донел на водителката Рејчел Медоу.
Како одговор на неговата изјава, Медоу рекла дека не може да го обвини, но дека е тажна.
Од друга страна, О’Донел потоа му се обратил на Трамп.
„И така, Америка го завршува 52-от ден со претседател чиј мозок не работи. Неговиот мозок е „оштетен“, значително оштетен и тоа се покажува секој ден. Денес, Доналд Трамп повторно кажа нешто поради кое секој друг претседател итно би бил префрлил во болница на невролошки преглед и евалуација за деменција. За почеток, оттука би се почнало“, кажал водителот.