Познат диџеј откри дека боледува од тешка болест, па со фотографија ги шокираше фановите

од Vladimir Zorba

Пред еден месец познатиот италијански диџеј Џиџи Д’Агостино преку Инстаграм откри дека боледува од тешка болест, а сега ги шокираше своите обожаватели со фотографија, на која воопшто не изгледа добро.

Значително слаб, блед и потпрен на патерици, музичарот им се обрати на пријателите и обожавателите.

„Се надевам дека оваа нова година ќе ми донесе малку мир и сила, ви испраќам прегратка. Ви благодарам што сум ви во мислите, со љубов, Џиџи“, напиша тој.

Познатиот диџеј не откри од што точно боледува во својата прва објава, во која ја информираше јавноста за својата болест.

„За жал, веќе неколку месеци се борам со тешка болест која ме погоди агресивно. Тоа е постојана болка, не ми дава мир“, напиша Џиџи на својата Фејсбук страница на 17 декември.

„Остани силен“, „Можеш, Џиџи“, „Брзо закрепнување“, му порачаа фановите во коментарите.

Инаку, Џиџи Д’Агостино, чие вистинско име е Луиџино Селестино Ди Агостино, стана светски познат во 1999 година со „Bla Bla Bla“ и „The Riddle“, а во 2000-тите веројатно беше најуспешниот диџеј во Европа.

Слични содржини