Познат речиси целиот нов состав на Комисијата за помилување

од Nikola Popovski
56 прегледи

Новиот состав на Комисијата за помилување ќе се конституира за два-три дена, најави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека досега ја прифатиле пензионираната судијка од Врховниот суд, Милка Ристова, професорите Оливер Бачановиќ, Афет Мамути, Александра Груевска и професорката од Факултетот за безбедност, Драгана Батиќ.

Согласноста, како што појасни Силјановска Давкова, се очекува од уште еден угледен новинар во пензија и уште еден професор по кривично право.

– Најважното за оваа комисија е прво, бидејќи доаѓа Нова година, а тогаш има помилувања, да го стори тоа. Ама, час поскоро да ги свика членовите на сите претходни комисии за помилувања, за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози. Потоа, исто така, да свика, претседателката на Комисијата една расправа, знаете дека беше изработена работна верзија на Закон за помилување.

Нашиот закон за помилување сега е многу погрешен, по измените, односно укинувањето на одредбите од Уставниот суд, навистина ни треба закон компатибилен со европскиот и мислам дека тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето, кажа Сиљановска Давкова во интервју за МРТ.

Ни треба закон, потенцира претседателката, во кој точно ќе се утврдува кој што, како и што прави, но најголемиот ризик за овој процес е тој да се политизира или партизира.

Претходно шефицата на државата ги прифати оставките на членовите на Комисијата за помилување кои си поднесуваат колективна оставка од позициите. Одлуката прв ја соопшти професорот Гордан Калајџиев.

-Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи, стоеше во објавата на професорот.

Министерот за правда, Игор Филков предложи освежување во комисијата за помилување. Според Филков, последното кратење на казни за осудени лица станало предмет на политички игри и препукувања, иако, помилувањата, како што вели, се важна работа за државата. Смета дека наместо повторен суд од јавноста, веќе осудените треба да се упатат на ресоцијализација.

Ваквите реакции доаѓаат откако Комисијата достави листа за помилување на 23-ти октомври, за 10 осудени лица. Нивните имиња предизвикаа лавина реакции во јавноста. Еден од нив беше Акиф Равманоски, кој е член на криминална банда, а кој веднаш откако беше помилуван повторно беше вратен зад решетки, поради сомнеж за обид за убиство.

Еден од нив е и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кому претседателката му скрати една година од затворската казна од која му остануваат за извршување уште околу три години.

Талески беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“ покренат од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.

Делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.

Меѓу делумно ослободените се и лицата: Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од селото Богородица. Тие добија намалување на затворските казни по два односни три месеци.

Слични содржини