Познат украински спортист загина на бојното поле

од Stefanija Kuzmanovska
369 прегледи

Еден од најдобрите украински мечувачи Денис Борејко (34) загина во војната против Русија, објави на Твитер Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи.

Не е познато каде починал поранешниот светски и европски јуниорски шампион во дисциплината меч, туку само дека доброволно се приклучил на украинските вооружени сили во 2022 година.

„Денис беше светски и европски јуниорски шампион, мајстор на спортови од меѓународна класа. Тој беше и основач на клуб во Дњепар“, напиша Герашченко.

„Од првите денови на руската инвазија во февруари 2022 година, Денис ѝ помогна на украинската армија и територијалната одбрана на Дњепар, а во март 2022 година доброволно се приклучи на украинските вооружени сили“, додаде тој.

Минатата недела беше потврдено дека украинските мечувачи ќе ги бојкотираат индивидуалните натпревари на Светското првенство што од 22 до 25 јули ќе се одржи во Милано, а на кое ќе учествуваат спортисти од Русија и Белорусија.

Според последните податоци што во април ги обезбеди министерот за спорт и претседател на Националниот олимписки комитет Вадим Гуцеит, во војната загинале 262 украински спортисти, а уништени се 363 спортски објекти.

Слични содржини