Сите што сакаат да го купат кросоверот „Москвич 3“ ќе треба да платат најмалку 1.970.000 рубљи (26.645 евра), објави информативната служба на „оживеаната“ марка. Тоа значи дека овој автомобил најверојатно ќе може да учествува во владината програма за повластен автомобилски заем. Еден од условите за учество во таа програма за автомобили со мотор со внатрешно согорување е нивната цена да не надминува 2 милиони рубљи (27.051 евро).
Овој модел веќе се произведува во фабриката во Москва и треба да се најде во продажба до крајот на годината. Од компанијата истакнаа дека возилото првично ќе се продава само во главниот град. Во првата фаза 11 московски дилери ќе продаваат и сервисираат автомобили „Москвич“.
„Го завршивме изборот на понуди и ги избравме дилерите во главниот град кои во првата фаза ќе продаваат автомобили во Москва. Во наредната година ќе се фокусираме на големите руски градови, а како што се зголемува производството, ќе го прошириме нашето присуство на рускиот пазар. Првиот модел ќе биде кросоверот „Москвич 3“. Ќе ги пополни возните паркови за такси и за споделување автомобили“, велат од компанијата.
Кросоверот „Москвич 3“ е модифицирана верзија на кинескиот модел JAC JS4. Автомобилите имаат погон на предните тркала и мотор со внатрешно согорување со зафатнина од 1,6 l и 109 КС.
На клиентите ќе им биде понудена и електрична верзија на кросоверот наречен „Moskvich 3e“. Тој автомобил ќе има електромотор со 68 КС и ќе може да помине 410 километри без полнење на батеријата. Цените на овој модел ќе бидат објавени подоцна. За „зелениот“ автомобил најверојатно ќе важи посебна државна субвенција од 925.000 рубљи (12.511 евра). Вакви услови, на пример, сега се нудат за рускиот електричен седан Evolute.
Склопувањето на целосно подготвени големи компоненти, т.е. SKD (Semi Knock Down), започна на крајот на ноември во Московскиот автомобилски погон „Москвич“. Производството се реализира по принципот на склопување на автомобили со помош на технологијата DKD (Disassembled Knock Down). Овој пристап се разликува од класичното склопување на возила CKD (Complete Knocked Down), кое вклучува испорака на целосно готови автомобилски компоненти од фабриката што ги произведува до фабриката каде што се врши финалното склопување. Кога станува збор за DKD, моторот, менувачот, суспензијата и помалите склопови и погонски делови се отстрануваат од готовиот автомобил, се регистрираат на царина како автоделови, а потоа возилото повторно се составува.