Холивудската актерка Ребел Вилсон објави на својот Инстаграм профил стара фотографија на која позира со тенисерот Новак Ѓоковиќ.
Ребел, која ослабе речиси 30 килограми во последната година и пол, се присети на фотографија од времето кога била „најнездрава“.
„Знам дека обично ги објавувам моите ласкави фотографии … Но, ја најдов оваа стара фотографија во моите мејлови и реков: вау! Се сеќавам дека тогаш бев најнездрава – имав вишок тежина и јадев премногу нездрава храна. Ги отапував емоциите со храна. Татко ми почина од срцев удар и беше толку тажно време. Немав високо мислење за себе и не се ценев себеси колку што требаше“, ја започна актерката долгата објава.
„Интересно е што сѐ уште се смеам и се обидувам да бидам активна – ова е снимено на хуманитарен тениски турнир (П.С. Новак Ѓоковиќ е толку мила личност) – и покрај толку многу болки. Сега гледам наназад на таа девојка и многу сум горда на она што стана и го постигна. Само сакам да ги охрабрам сите оние кои се борат со вишокот килограми. Ве чувствувам. Знам како е. Но, никогаш не е доцна да започнете да се подобрувате и да се обидувате да бидете најдобрата верзија на себе. Тоа не е трка и не е натпревар – треба да се почитувате себеси и да го правите она што е најдобро за вас. Значи, ако сте надвор и го читате ова денес, само сакав да ви кажам: насмејте се и обидете се да бидете активни! Ве сакам“, напиша актерката.